Колона возила од околу 15 километри имаше кусо по отворањето на бугарско-грчката граница на преминот Промахонас, јави грчката државна телевизија ЕРТ.
Конкретниот граничен премин од денеска е отворен, а најголемиот број возила, според ЕРТ, се од Бугарија и Романија, но и на Грци кои живеат во Германија, а не е мал бројот и на српски автомобили, на кои што не им е дозволен влез и се враќаат назад.
Според информациите на дописничката на МИА од Атина, за туристите од Србија, земја која спаѓа во групата трети земји, до 30 јуни е забранет влез во Грција од Бугарија, а истото важи и за Северна Македонија и Албанија.
Паралелно, на граничниот премин, од грчка страна има претставници на Националната организација за јавно здравје кои вршат тестови по случаен избор.
Иако граничниот премин требаше да се отвори точно напладне, според медиумите во Грција, поради гужвата и колоните возила, бил отворен порано, кусо по 11 часот.