Германското обвинителство соопшти дека обвинетиот за убиството на бугарската ТВ новинарка Викторија Маринова, признал дека ја нападнал, но ги отфрлил обвинувањата дека ја силувал и ограбил.
Како што пренесува АП, обвинителството во германскиот град Целе соопштило дека обвинетиот, кој во Бугарија е идентификуван како Северин Крашимиров(21), кажал дека немал намера да ја убие Маринова.
Тој на обвинителите им кажал дека бил под влијание на алкохол и дрога кога во паркот влегол во расправија со жена која не ја познавал, дека ја удирал во лицето и ја бутнал во грмушка, но истакнал дека немал намера да ја убие.
Германските обвинители навеле дека Крашимиров, кој во вторникот е уапсен во Германија на основ на европски налог за апсење, ќе биде вратен во Бугарија во рок од 10 дена.