Од полноќ во Словенија почнаа да важат строгите рестриктивни мерки за забрана на движење на луѓето што ги донесе Владата со цел намалување на ширењето на коронавирусот.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, се забранува движењето и собирањето на јавните места, освен за итни потреби, односно луѓето можат да одат на лекар, маркет, на работа, а според упатствата кои се објавени на интернет страната на Владата, граѓаните ќе имаат пристап и до парковите, но не смеат да се групираат повеќе од пет луѓе.
Синоќа Владата испрати телефонски пораки до сите граѓании со информација дека од полноќ почнуваат да важат рестрикциите на движењето.
Според информациите на локалните медиуми, засега забраните се почитуваат, а улиците низ градовите се речиси празни.
Министерот за внатрешни работи Алеш Хојс за Телевизија Словенија изјави дека казните за непочитување на ваквата одлука ќе изнесуваат и до 400 евра.
Дополнително Владата размислува и на армијата да и се дадат полициски овластувања, но за тоа да се случи потребно е двотретинско мнозинство во Собранието, а пратениците засега не се за воведување таква радикална мерка.