За „ноќ на чистки“ во грчката полиција пишува „Катимерини“ во своето електронско издание, најавувајќи пензионирање или отпуштање синоќа на голем број високи раководители кои имале контроверзна улога во аферата со прислушувањето на грчките политичари од страна на разузнавачки служби.
Со одлука на министерот за цивилна заштита, Такис Теодорикакос, генерал-потполковник Константинос Скумас останува на чело на грчката полиција. Јоргос Јанинас и Јоргос Канелос, кои беа на важни позиции во антитерористичката единица и во службата за безбедност во регионот на Атика, заминуваат во пензија со чин генерал-полковник. На нивно место во ист ранг беа унапредени Елефтериос Гарилас и Спирос Склавос.
На располагање и надвор од редовна должност се поставени 14 поранешни високи полициски службеници со чин генерал-мајор. Меѓу нив се поранешниот началник на главниот полициски оддел на Атика, Манолис Дурветакис, началниците на полициските служби во Тракија и Источното Егејско Море, Пасхалис Сиритудис и Лефтерис Дурудус, началникот на дирекцијата за специјални сили Јоргос Балас и други. Уште петмина генерал-мајори се пензионираа, меѓу кои Илиас Косивакис, шеф на Службата за внатрешни истраги и Никос Цецикас, шеф на Дирекцијата за управување и анализа на информации.
Весникот пишува дека промените во полициската команда имаат за цел да испратат порака дека поединци кои имале дури и сомнителна улога во скандалот со прислушувањето, како шефови на чувствителни служби, припаѓаат на минатото на грчката полиција.
Поради оваа афера, лидерот на опозициската партија СИРИЗА, Алексис Ципрас, достави до Парламентот барање за недоверба на Владата на премиерот Киријакос Мицотакис. Гласањето треба да се одржи утре.