Грчката полиција продолжува со контролите во однос на тоа дали се почитуваат превентивните мерки и од четвртокот уапсени се 96 лица во 91 случај, бројка која е повеќе од двојно поголема во споредба со вчера, јави дописничката на МИА од Атина.
Вчера беше соопштено дека се уапсени 43 лица, денеска оваа бројка се зголеми на 96.
Поконкретно, како што соопштија од грчката полиција, уапсените не ги почитувале препораките и ги оставиле отворени објектите за кои важат времените мерки, односно, работеле фризерски салони, салони за убавина, кафулиња, таверни, објекти за забава и свечености и слично.
Најголем број од случаите (36) се во областа Атика, поширокиот дел на Атина, а останатите се во речиси сите делови на Грција, во Солун, на Крит, во западниот, северниот и североисточниот дел на земјата, на Пелопонез итн.
– Контролите продолжуваат со зголемен интензитет со цел да се заштити јавното здравје, додаваат од грчката полиција.