петок, 1. март 2024. Вести денес: 0
home Регион

Србија од утре со нови епидемиолошките мерки, ова се деталите

Србија од утре со нови епидемиолошките мерки, ова се деталите

Српскиот Кризен штаб за заштита од заразното заболување Ковид-19 предложи нови мерки за сузбивање на епидемијата, кои ќе важат од понеделник во 6 часот наутро, јави дописникот на МИА од Белград.

-Важна новина е што сите установи и институции на кои им е дозволено да работат имаат единствено дозволено работно време од 6 до 22 часот, соопшти српската Влада.

На угостителските објекти со тераса од утре им е дозволено да работат исклучиво на отворено, почитувајќи ги сите епидемиолошки мерки, кои, меѓу другото, вклучуваат максимум пет лица на иста маса, со задолжително растојание од два метри меѓу масите. Забрането е и изведување на сценско музичка програма.

Кафулињата и рестораните сè уште можат да вршат продажба на храна и пијалоци, без оглед дали имаат тераса или не, додека доставата останува дозволена 24 часа на ден, седум дена во неделата.

Трговските центри остануваат затворени, како и кафулињата и рестораните кои немаат тераса.

И понатаму е на сила мерката според која сите објекти мора да обезбедат почитување на мерката од најмалку девет квадратни метри по лице или посетител.

Исклучок се фитнес клубовите, спа центрите, теретаните и слично, каде што мора да се обезбедат 16 квадратни метри по лице. Бројот на лица присутни во објектот вклучува и вработени.

Владата на Србија забележува дека од утре наутро ќе се интензивира инспекцискиот надзор на почитување на сите епидемиолошки мерки на целата територија на Србија.  (МИА)