среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Српската Влада донесе десет заклучоци по вчерашното масовно убиство во училиштето во Белград

Српската Влада донесе десет заклучоци по вчерашното масовно убиство во училиштето во Белград

Српската Влада донесе десет заклучоци по вчерашното масовно убиство во училиштето во Белград, кои вчера ги изнесе претседателот Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Првиот заклучок претставува двегодишен мораториум за издавање дозволи за чување и носење мало огнено оружје (овластувања за набавка на оружје, сертификати за оружје и сл.). Во рок од три месеци МВР ќе изврши ревизија на сите издадени дозволи за оружје. Министерството за внатрешни работи во рок од шест месеци ќе ги контролира лицата кои имаат дозволи за чување оружје, особено исполнувањето на законските услови за безбедно чување на оружјето и посебно на чување муниција. Во истиот период, МВР ќе прегледа и дали е соодветно спречен пристапот до оружје и муниција на малолетни и други неовластени лица, се наведува во соопштенеито на Владата.

-Работата на сите стрелишта ќе биде предмет на контрола на МВР во следните три месеци. Потоа, во соработка со Министерството за правда, во рок од еден месец ќе се изготват прописи за условите и начинот на користење на стрелиштата, вклучително и забраната за пристап на малолетници, се наведува во соопштението.

Министерството за правда, во рамките на постојната Работна група за измена на Кривичниот законик, ќе подготви измени на законот со кои ќе се пропише кривична одговорност за лицата кои овозможуваат малолетници и други неовластени лица да поседуваат огнено оружје и кои обучуваат малолетници и други неовластени лица да ракуваат со огнено оружје .

-Министерството за правда, исто така, во рамките на постоечката Работна група за изменување и дополнување на Кривичниот законик, ќе ја разгледа можноста за измена на Кривичниот законик со цел намалување на старосната граница за кривична одговорност на малолетниците од 14 на 12 години, притоа почитувајќи ги меѓународните и европските стандарди, се наведува во соопштението.

Министерството за правда и Министерството за информации и телекомуникации во рок од еден месец ќе ја разгледаат можноста за заострување на санкциите за непочитување на пропишаните обврски на давателите на медиумски услуги, вклучително и интернетот и другите електронски платформи, како и социјалните мрежи, во однос на забраната за програмски содржини кои нагласуваат и поддржуваат насилство, криминално и друго незаконско однесување, емитување сцени на брутално насилство и други содржини кои можат сериозно да му наштетат на физичкиот, менталниот или моралниот развој на малолетниците.

Во рок од еден месец Министерството за образование и Министерството за здравство ќе подготват прописи со кои ќе се овозможи воведување задолжителни тестови за дрога во средните и во основните училишта за учениците од седмо и осмо одделение.

Владата во рок од десет дена ќе формира Совет за спречување врсничко насилство, кој меѓу другото ќе обезбеди организирање на мобилни тимови за врсничко насилство преку протоколи меѓу центрите за социјална работа и други служби (образовни и здравствени установи, полиција), кој итно би реагирал на случаите на врсничко насилство и во консултација со синдикатите на воспитно-образовните работници и здруженијата на родители на ученици, ќе ја разгледа целесообразноста да се донесе мерка за забрана за употреба на мобилни телефони во училиштата.

Владата, исто така, во рок од десет дена ќе формира работна група за безбедност на децата на Интернет, која ќе го разгледа воведувањето мерки за забрана на пристап до веб-страниците (DarkNet и слично), кои содржат совети како да се изврши убиство, стекнување дрога или огнено оружје.

Членовите на Владата донесоа одлука да се прогласи ден на жалост на територијата на Република Србија, со што за денови на жалост се прогласени 5, 6 и 7 мај 2023 година, се наведува во денешнотот соопштение на српската Влада.