Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, по состанокот со членовите на Претседателството на БиХ изјави дека Европската унија е подготвена да и помогне на Босна и Херцеговина и напомена дека во Брисел се уште постои добра волја.
– Имаме обврска да ви кажеме за она што не загрижува, а тоа е поврзано со изборната реформа. ЕУ сака да се реши застојот и тоа на начин кој ќе биде во интерес на вашата земја, истакна Туск.
Тој вели дека Европската унија е показател дека етничките и верските тензии носат само проблеми и не придонесуваат за доброто на земјата.
– Историјата на ЕУ не учи дека помирувањето е можно, дури и меѓу закоравени непријатели. Резултатот на помирувањето и соработката е мир, просперитет, подобар живот за граѓаните. Сите имаме различни идентитети и сите мора да живееме заедно, истакна Туск.
Воедно тој се осврна и на претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Софија и истакна дека од главниот град на Бугарија ќе биде потврдена европската перспектива за регионот.
– ЕУ е партнер на Западен Балкан, најголем инвеститор и донатор, рече претседателот на ЕС.
Тој, исто така, порача дека е потребна подобра соработка за да може земјите да се спротистават на безбедносните предизвици, како што е илегалната миграција и тероризмот.
(Миа)