Престижниот американски весник „Вашингтон тајмс“ во еден од своите написи наведува силни обвинувања против албанската влада.
Според весникот реформските процеси во земјата кои се спонзорирани од фондацијата „Сорос“ ја оставиле Албанија без судски систем,што „е во полза на премиерот Еди Рама“.
-Процесот на проверка на потеклото на имотот и поврзаноста со криминални структури на судиите и обвинителите,наречен ветинг, ги брише политичките противници на Рама,со што му дава апсолутна моќ и оти зад сето ова стои милијардер Џорџ Сорос,- пишува весникот.
Се наведува дека корумпираните судии се оставаат на функција додека чесните се отпуштаат од работа, доколку тие „веруваат во погрешна работа или подржуваат погрешна партија“.
-Во последниве години, Албанија се претвори во нарко-држава, застанувајќи на врвот на листата производители на марихуана што се шверцува во Италија и други делови од Европа. Исто така Албанија стана главна точка за шверц и порта кон Европа за тешки дроги кои доаѓаат од Јужна Америка и Централна Азија,-стои во написот.
Актуелната влада во Тирана се критикува и поради донесените закони кои поради нефункционирање на Уставниот суд не може да се преиспита нивата уставност, а сето тоа помага „во перењето пари од недозволената трговија со дрога“.
Весникот го критикува и американскиот амбасадор во заминување,Доналд Лу, за кого наведува дека иако мандатот му завршил и во амбасадата е назначен времен вршител на должноста тој се уште е во Тирана. За него пишува дека е подржувач на „корумпираната влада на Рама“. (МИА)