петок, 15. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Ветерот го разгоре пожарот во близина на Атина, огнената стихија блиску до планинско село

Ветерот го разгоре пожарот во близина на Атина, огнената стихија блиску до планинско село

Пожарот што веќе трет ден е активен во северозападниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, поради промената на правецот на ветрот, неконтролирано се прошири кон планинското село Вилија, а противпожарните сили се обидуваат да спречат, огнената стихија да стигне до куќите, јави дописничката на МИА од Атина.

Градоначалникот на општина Вилија Христос Статис за телевизијата „Опен“ рече дека пожарот е на 30 до 40 метри до првите домови и побара итно да се испратат дополнителни воздушни средства.

Веќе изгоре една куќа што е надвор од селото, а иако огнената стихија е блиску до селото, сепак, до жителите сè уште не е испратена порака за евакуација од бројот 112 за итни случаи.

Заменик- префектот на периферијата Атика Василис Кокалис за грчката телевизија „Опен“ истакна дека иако тие побарале да се испрати порака до жителите за евакуација на селото, сепак од противпожарната служба добиле одговор дека не е потребно.

Додаде дека сепак полицајци одат од врата на врата и бараат од граѓаните да ги напуштат домовите.

Објасни дека во период од два и пол час неколку пати се сменила насоката на ветерот, а со тоа и интензитетот и правецот на пожарот и истакна дека „пожарот ќе запре кога нема да има што друго да изгори“.

Густиот чад дополнително ја отежнува интервенцијата на воздушните средства, заедно со грчките пожарникари се и нивните колеги од Полска, а им помага и локалното население, кое не го напушта местото, се обидува со сечење дрва да го запре ширењето на пожарот.

Планинското село Вилија се наоѓа во северозападниот дел на областа Атика, на околу 50 километри од центарот на Атина и има околу 4.000 жители, а пожарот е активен од понеделникот.