четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Владата и Парламентот на БиХ останаа без греење

Владата и Парламентот на БиХ останаа без греење

Зградите во Сараево каде се сместени седиштата на Советот на министри и на Парламентот на БиХ денеска останаа без греење, што е директна последица на наглиот скок на цените на енергенсите, па државните службеници немаа друг избор освен да седат во капути или да се загреваат шетајќи по ходници.

Службата за заеднички работи на државните институции на БиХ претходно најави дека парното ќе биде исклучено од вторник, но вработените денеска ги дочекаа студени канцеларии, пренесува Хина.

Компанијата во БиХ, која претходно доби тендер за снабдување со гориво што се користи за топлана, се откажа од зделката бидејќи драстичното поскапување на енергенсите ја направи таа работа непрофитабилна и едноставно ги остави парламентарците, министрите и вработените во стручните служби и министерствата во БиХ да се смрзнуваат.

– Толку е студено што сите постојано шетаме, изјави за бањалучки „Независне новине“, Јаков Галиќ, член на заедничката комисија за човекови права на двата парламентарни дома.

Тој додаде дека за него е несфатливо зошто претходно не бил решен проблемот со греењето во овие згради.

– Со еден збор, несфатливо е среде ваква зима да нема греење во парламентот. Тука се сите институции, служби, агенции, има многу работници. Луѓето претежно шетаат, рече Галиќ. (МИА)