Зголемување на присуството на коронавирусот што достигнува и до 1.000 отсто е регистрирано во отпадните води во девет грчки градови, според резултатите од анализите направени од Националната мрежа за епидемиологија на отпадни води, јави дописничката на МИА од Атина.
Податоците се однесуваат на периодот од 8 до 14 март по анализите во областа Атика, поширокиот регион на Атина, во Солун, Лариса, Волос, Патра и во четири градови од островот Крит.
Споредбено со една седмица претходно, најголемо зголемување е регистрирано во Ираклио и Агиос Николаос на Крит што достигнува до 683, односно 695 проценти.
Во Атина зголемувањето е за 87 отсто, во Солун за 74 проценти, а единствено во Волос има намалување од 7 отсто.
Податоците за градот Хања на Крит, се во споредба со последната седмица од февруари и зголемувањето е за 1.000 отсто.
Според епидемиолозите во Грција, резултатите на анализите на отпадните води најчесто се показател за бројот на позитивните случај што ќе следат една или неколку седмици подоцна.