понеделник, 4. март 2024. Вести денес: 0
home Регион

Во Албанија официјално почна кампањата за локалните избори

Во Албанија официјално почна кампањата за локалните избори

Еден месец пред денот на изборите денеска официјално почна кампањата за локалните избори што во Албанија ќе се одржат на 14 мај.

На изборите ќе учествуваат 48 политички партии, со околу 22.000 кандидати, кои претендираат да влезат во новата локалната власт во 61 општина.

Од вкупниот број, 141 кандидат ќе се тркаат за градоначалничка функција.

Во сите општини кандидати имаат Социјалистичката партија на Еди Рама, поддржани од други партии и изборната коалиција „Заедно победуваме“, предводена од  Партијата на слободата на Илир Мета. Демократската партија на Енкелеј Алибеај свои кандидати има во 14, а само во две општини Саранда и Девол има по еден независен кандидат.

Во 45 општини ќе се натпреваруваат двајца кандидати, во 14 општини ќе има тројца, во Саранда четворица, додека во Тирана на гласачкото ливче има шест кандидати.

Политичките партии ќе ги презентираат своите програми до 12 мај на полноќ, кога настапува изборниот молк.

И покрај тоа што денеска официјално почнува кампањата, де факто кампањата е веќе подолго време започната и партиите со месеци спроведуваат промотивни активности за кандидати во различни општини.

Трката за новата локалната власт ќе се води главно меѓу Социјалистичката партија на Рама и Коалицијата „Победуваме заедно“ предводена од Мета во која е и крилото на демократите на Сали Бериша.

На последните локални избори, кои ги бојкотираше обединетата опозиција, градоначалници на 60 општини станаа кандидатите на Социјалистичката партија а само во општина Финиќ, населена главно со припадници на грчкото малцинство, победи кандидат на Партијата МЕГА. (МИА)