Во текот на викендот, со новите олабавувања на мерките во Грција и укинување на сите ограничувања за вакцинираните во баровите и ноќните клубови, 8.200 полицајци спровеле 200.000 контроли во целата земја и бил регистриран 561 прекршок, соопшти портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Иконому додаде дека контролите на полицијата и на вклучените 8.200 полицајци ќе продолжат секојдневно.
Согласно новите одлуки на грчката Влада што стапија во сила во саботата, како што веќе објави МИА, баровите, ноќните клубови, дискотеките итн, во кои влезот е дозволен само за вакцинирани и лица кои прележале Ковид-19, работат регуларно и повеќе нема никакви ограничувања.
-Очигледно е дека новите мерки носат резултат. Значат повеќе слободи за вакцинираните кои се во помала опасност, ги заштитуваат невакцинираните, а функционираат и како мотив за нашите сограѓани кои не се вакцинирани, да го сторат тоа. Не смееме да заборавиме дека девет од десет наши сограѓани, кои се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега се невакцинирани, рече Иконому.
Паралелно, мобилни единици на Националната организација за јавно здравје, од утре започнуваат вакцинација во оддалечените места во северниот дел на Грција, односно во местата кои, како што рече портпаролот на грчката Влада, имаат мала имунизациска покриеност, а целта е да се охрабрат граѓаните да се вакцинираат.
Во Грција од вчера е отворена платформата за закажување термин за вакцинација со трета доза на лицата над 50 години и доколку поминале шест месеци од ревакцинацијата, а Иконому на брифингот соопшти дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, утре ќе прими трета доза.