четврток, 28. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Вучиќ- Лајчак: Неопходно е да се спроведе договорот за Заедницата на српски општини

Вучиќ- Лајчак: Неопходно е да се спроведе договорот за Заедницата на српски општини

Претседателот на Србија Александар Вучиќ се сретна денеска со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, при што ја истакна неопходноста од спроведување на договорот за Заедницата на српски општини и почитување на правата и волјата на српскиот народ, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ, заедно со фотографиите на Инстаграм, изјави дека со Лајчак разговарал за последните настани на Косово и проблемите со кои се соочуваат Србите поради „едностраните и нелегитимни потези на Приштина“.

-Ја истакнав неопходноста од спроведување на договорот за Заедницата на српските општини и почитување на правата и волјата на нашиот народ. Србија е решена да продолжи со конструктивниот дијалог, со цел одржување на мирот и стабилноста и постигнување подобри услови за животот на сите граѓани, рече Вучиќ.

Мирослав Лајчак денеска ќе разговара и со министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Тој утре во Приштина ќе се сретне со премиерот Албин Курти, потврди за РТС извор од ЕУ.

По назначувањето на Ненад Рашиќ за министер во косовската Влада, на Косово настанаа нови тензии. Претседателот Вучиќ го оцени назначувањето на Рашиќ како „срамно“ и дека тоа е „најблагиот збор што може да се употреби“.

Состојбата на Косово беше тема и на разговорот на претседателот Вучиќ со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји во петокот.

Како што најави шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, Вучиќ по средбата со Лајчак ќе одлучи дали ќе учествува на самитот на Европската Унија и Западен Балкан во Тирана, кој ќе се одржи утре.