Српскиот претседател Александар Вучиќ најави во обраќањето до јавноста на РТС дека во вторник и среда ќе биде на Самитот Отворен Балкан во Охрид, за кој оцени дека донел значителни придобивки за сите три земји учеснички и дека тој е отворен за сите, но тој никого не сака да моли за да и се придружи на оваа иницијатива, јави дописникот на МИА од Белград.
На утрешната вечера во Охрид, покрај македонскиот премиер Димитар Ковачевски и албанскиот премиер Еди Рама, ќе присуствуваат и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија. На прашањето дали тоа значи дека Отворен Балкан станал примамлив, Вучиќ одговори дека незнае за тоа, но и дека е „сит од молење“.
– Абазовиќ и Тегелтија доаѓаат како набљудувачи. Доста ми е од тоа молење, имаме Отворен Балкан, Србија, Северна Македонија и Албанија се тука, кој сака да се приклучи, сака, а кој не, не ми паѓа на памет да молам, изјави Вучиќ.
Како што рече, трите држави веќе спроведуваат се што е поврзано со работните дозволи, а останува уште една од овие три земји да ја заврши законодавната иницијатива, за да може идејата да се реализира.
На Самитот во Охрид ќе бидат потпишани четири договори, за признавање на дипломи, за соработка во областа на трговијата и туризмот и за соработка во областа на културата и даночните управи.
-Тоа се важни области и секако ќе им донесат корист на сите, нагласи Вучиќ.
Тој посочи дека трговската размена со Албанија и Северна Македонија драстично се зголемува, што е во интерес на сите.
-Имаме зголемување од 28 отсто и 31 отсто во трговската размена во претходните месеци, со тие две земји. Ова се големи промени, важни работи, а Отворен Балкан е извонреден проект и ние ќе се залагаме за тоа, рече Вучиќ.
Среќен е, како што кажа, поради зборовите што ги слушнал од Сергеј Лавров за Отворен Балкан, но и поради тоа што Габриел Ескобар ќе се обрати на Самитот, додавајќи дека САД од почетокот ја поддржувале иницијативата „Отворен Балкан“, за разлика од Европа.
– Еден ден, кога ќе можам слободно да зборувам, сешто би можел да кажам, заклучи Вучиќ. (МИА)