Претседателот на Србија Александар Вучиќ утре ќе положи заклетва пред пратениците од старото свикување на Собранието на Србија за втор претседателски мандат, јави дописникот на МИА од Белград.
Утре ќе се одржи единаесеттата специјална седница на Народното собрание на Србија, на која претседателот на Србија, Александар Вучиќ ќе положи заклетва и ќе ја преземе функцијата во вториот мандат.
По полагањето заклетва, претседателот ќе се обрати пред пратениците, а на седницата не е предвидена расправа.
Мандатот на Вучиќ истекува на 31 мај, со оглед на тоа што тој ја презеде функцијата истиот ден во 2017 година.
На претседателските избори на 3 април годинава, Вучиќ ја доби довербата на 58,59 отсто од гласачите, односно на 2.224.914 граѓани.
На овие избори гласале 3.811.585 од 6.502.307 запишани гласачи во избирачкиот список, односно 58,62 отсто. Претседателските избори беа повторени на 16 април на 35 избирачки места.