Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, по денешниот престој во Приштина, утре ќе пристигне во Србија во рамки на нејзината турнеја по Западен Балкан, јави дописникот на МИА од Белград.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на аеродромот „Константин Велики“ во Ниш ќе ја пречека претседателката на Европската Комисија, а потоа заедно ќе ги обиколат работите на изградбата на гасниот интерконектор меѓу Србија и Бугарија во местото Јелашница, соопштија од кабинетото на Вучиќ.
Средбата меѓу Вучиќ и Фон дер Лајен ќе се одржи подоцна попладне, во Белград.
Според белградските медиуми, главни теми на разговор во Белград треба да бидат енергетиката, усогласувањето со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија и дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Претседателката на ЕК вчера ја започна својата турнеја низ Западен Балкан со посета на Северна Македонија, од каде соопшти дека Европската Унија подготвила пакет поддршка за целиот Западен Балкан за да му помогне да се справи со енергетската криза.
По Скопје, Фон дер Лајен денеска престојува во Приштина, а потоа ќе замине за Тирана.
Таа утре од Белград заминува за Сараево, а посетата на регионот ќе ја заврши на 29 октомври во Подгорица.