петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Вучиќ: Утре со Ковачевски и Рама ќе соопштиме дали ќе учествуваме на Самитот ЕУ-ЗБ

Вучиќ: Утре со Ковачевски и Рама ќе соопштиме дали ќе учествуваме на Самитот ЕУ-ЗБ

Српскиот претседател Александар Вучиќ информира дека денеска преку видеоконференциска врска разговарал со премиерите на Северна Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама за претстојниот Самит ЕУ – Западен Балкан во Брисел, нагласувајќи дека одлуката за тоа дали ќе присуствуваат на средбата сите тројца ќе ја објават утре.

– Се договоривме по консултациите со нашите влади и советници, утре напладне да ја соопштиме одлуката дали ќе присуствуваме на состанокот во Брисел, напиша Вучиќ на својот Инстаграм.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Вучиќ додаде дека со Рама и Ковачевски размениле мислења за идните чекори на заедничката иницијатива Отворен Балкан, пред се за Саемот на вино кој ќе ги собере најдобрите винари од регионот, како и за следната средба на која треба да се разговара „за бројни прашања од интерес на граѓаните од трите земји“.

– Заедно се бориме за јасна перспектива на Западен Балкан, уште посилна соработка и подобро поврзување, наведе Вучиќ во објавата на Инстаграм.

Самитот ЕУ – Западен Балкан, на кој се очекува учество на претставници на ЕУ и на лидерите од земјите од Западниот Балкан, треба да се одржи во четврток во Брисел, пред јунското заседание на Европскиот совет.

Претходно, Вучиќ изјави дека Србија во текот на јуни нема да и отвори ниту едно поглавје во преговорите со ЕУ. Од друга страна, Северна Македонија и Албанија на Самитот на ЕУ очекуваат одлука за старт на пристапните преговори со ЕУ.