недела, 10. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Вучиќ започнува кампања ширум Србија: Тие сакаат политиката да биде со бесилки

Вучиќ започнува кампања ширум Србија: Тие сакаат политиката да биде со бесилки

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави синоќа дека в четврток ќе започне со кампањата „Иднината на Србија“, во која ќе ги обиколи сите 29 окрузи во Србија, со цел да ги презентира резултатите до граѓаните, да им каже кои се натамошните планови и да ги слушне нивните забелешки и она што ги мачи.

– Сакам да разговарам со сите луѓе за она што досега го направивме, да покажеме резултати и да поднесеме извештај, но и да кажеме што ќе правиме во иднина, изјави Вучиќ во интервјуто за ТВ Хепи.

Тој оцени дека денес симбол на неговата политика е иднината на Србија, фабриките и училиштата, становите за млади луѓе, додека симбол на опозицијата се бесилките, затоа што, како што рече, сакаат да го спречат напредокот на земјата.

Тој го коментараше саботниот протест „Еден од пет милиони“ во Белград, кога меѓу масата граѓани имаше тројца кои носеа „бесилка“, изјавувајќи дека истите се уапсени и оти биле охрабрени од врвот на една политичката партија.

-Тие сакаат политиката да биде со бесилки, бидејќи со тоа го спречуваат напредокот на Србија, рече Вучиќ, додавајќи дека симболите на политиката на опозицијата се „ку*ви, фукси и бесилки“.

Според него, на протестите во Србија има мал број на луѓе, но значителен е бројот на незадоволните, што, како што рече, не се гледа на протестите.

-Ние кои сме на власт не им се обраќаме доволно и прифаќам дека е можно тука да грешиме, рече Вучиќ, додавајќи дека граѓаните немаат опозиција на која ќе и веруваат и која е институционална.

-Јас нема да прифатам ниедно барање од (Драган) Ѓилас, а барањата на граѓаните секогаш ќе ги слушам, она што можеме да исполниме-ќе исполниме, а она што не можеме-тоа ќе го кажеме, истакна Вучиќ.

Тој во врска со барањето на граѓаните на протестите за фер избори, изјави дека на секое избирачко место во Белград имало трипати повеќе луѓе од опозицијата, отколку од власта.

-Еве направете се што сакате од избирачкиот список, кој го наследивме од вас, и порача Вучиќ на опозицијата.

Во интервјуто за телевизијата Хепи, претседателот на Србија нагласи дека поддршката на граѓаните станува се посилна „и покрај најтешките напади од различни страни“. Тој додаде дека не е лесно да се издржат надворешните притисоци, кои имаат големо влијание врз Србија.

Српскиот претседател изјави дека од една страна однадвор ја сакаат слаба Србија, да ја натераат на решение за Косово кое нема да биде компромисно, други не сакаат да се дојде до решение, а трети сакаат Балканот да биде полигон на конфликти.

-Нас ниту една опција не ни одговара. Ние мораме да се занимаваме со нашата иднина и со решенијата, рече Вучиќ. (МИА)