По падот на тоталитарнот режим,за неполни три децении, околу 1,64 милиони албански граѓани или 36 отсто живеат и работат во странство, главно во Грција, Италија, Германија, САД, Канада, Велика Британија и Швајцарија.
Албанија доживеа интензивен период на емиграција од 90-тите години на минатиот век, кој продолжува и денес, иако со различна стапка и не со ист интензитет.
Имигрантскиот бран се објаснува со низа социо-економски фактори, но и како резултат на неефикасните владини политики за управување со масовно иселување.
Според државниот Институт за статститика,ИНСТАТ, само во периодот 2011-2019 година, 13 отсто од населението се иселило, или над 360 илјади лица.
Над 53 отсто од оние кои ја напуштиле земјата имаат средно или високо образование, при што повеќето се млади. Околу 60 отсто од нив како причина ја наведуваат сиромаштијата.
Според Армела Џахо, од Институт за демократија и медијација и понатаму, главно младите, користат и најмала можност да ја напуштат земјата.
-Од јануари до август годинава 30.000 албански граѓани,од нив 79 отсто млади, побарале азил во некоја од земјите на ЕУ, главно Германија и Франција. Ние сме при крај на третата деценија од почетокот на емиграцијата а во Албанија сеуште не е завршен овој циклус на миграциска транзиција, вели таа.
Додава дека иако Албанија се вбројува во безбедни земји сепак таа е на врвот на списокот на земји по бројот на апликациите за азил на нејзини граѓани.