недела, 14. јануари 2024. Вести денес: 0
home Регион

Зголемена раздвиженост во Атина пред карантинот што започнува утре

Зголемена раздвиженост во Атина пред карантинот што започнува утре

Зголемена раздвиженост денеска се забележува во продавниците и супермаркетите во повеќе делови на Атина, но и на автобуската и железничката станица, како и на автопатите за излез од грчката престолнина, јави дописничката на МИА од Атина.

Грците, се чини дека максимално го користат последниот ден пред почетокот на утрешниот карантин што ќе трае три седмици, за шопинг, но и прошетка.

Полни се и фризерските и козметичките салони и берберниците, кои со одлука на Владата ќе работат и за време на викендот, а за нив карантинот ќе почне во понеделник.

Поради големата раздвиженост на граѓаните, има проблеми во сообраќајот во Атина, но и на автопатите за излез од градот.

Според информациите во грчките медиуми, во текот на вчерашниот ден 47.731 возило излегло вчера од Атина, 17.600 помалку во споредба со минатиот четврток, додека пак рано утрово, за само три часа, од патарините за излез од Атина, поминале над 12.000 возила.

Зголемена е раздвиженоста и на атинското пристаниште, како и на меѓуградската автобуска станица и на железничката станица. Студентите си заминуваат во нивните градови, жители на Атина, се упатуваат кон нивните села и викендички.

Поради зголемениот број патници и за да се избегне гужва, од грчката железница соопштија дека утре и задутре ќе има вонредни возови.

Ситуацијата, како во центарот на Атина, така и на излезните точки од градот, потсетува на претпразничен период.

Од утре наутро Грција влегува во втор целосен карантин, што ќе трае до 30 ноември. (МИА)