Американскиот конзулат во кинескиот град Ченгду официјално е затворен утринава, со што се исполни крајниот рок за евакуација што во петокот го поставија кинеските власти, јавуваат кинеските државни медиуми, пренесе ДПА.
Според агенцијата Ксинхуа, кинеските власти „наскоро ќе влезат низ главната порта и ќе ја преземат контролата“.
Знамето на САД во комплексот беше спуштено малку по 6 часот по локално време (22:00 часот синоќа по средноевропско). ДПА пренесува дека вчера таму можеле да се видат камиони и приколки како се движат во и надвор од комплексот, бидејќи персоналот ги расчистувал просториите.
Кинеските власти на 24 јули му наредија на конзулатот да престане со сите активности, давајќи му на персоналот на располагање три дена да го затвори, како одмазда за минатонеделното затворање на кинескиот конзулат во Хјустон, во сојузната американска држава Тексас.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео го нарече кинескиот конзулат во Хјустон „центар за шпионирање и кражби на интелектуална сопственост“, наведувајќи на кражба на американската технологија и трговски тајни.
Портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи на сличен начин рече дека персоналот во Генералниот конзулат на САД во Ченгду „бил ангажиран во активности надвор од нивниот капацитет, се мешале во внатрешните работи на Кина и ја загрозувале безбедноста и интересите на Кина“.
Во друга изјава кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека затворањето на конзулатот во Ченгду е „легитимен и неопходен одговор на неразумните мерки од страна на САД“, пренесе ДПА.