Се поголем број американски компании предвидуваат кратења на работни места и за првпат по пандемијата очекуваат помалку развојни инвестиции, покажуваат податоците од најновото истражување на Американската национална асоцијација за бизнис-економија (NABE).
Зголемувањето на каматите дава резултати и се забележува одредено забавување на економијата. Но, сопствениците на бизниси сè уште се загрижени дека Федералните резерви на САД можат да извршат преголем притисок врз економијата и потенцијално да ја турнат економијата во рецесија оваа година, се наведува во последниот извештај.
Запрашани дали планираат нови вработувања анкетираните субјекти посочија просечна вредност од седум негативни поени, што е пад од претходната анкета спроведена во октомври кога индикаторот беше на ниво од +8 поени. Поради инфлацијата, американските бизниси очекуваат да издвојуваат повисоки плати на вработените, што дополнително ги загрижува.
„Резултатите од истражувањето на Националната асоцијација за бизнис-економија од јануари 2023 година за деловните услови покажуваат широко распространета загриженост за влегување во рецесија оваа година“, објасни претседателката на Асоцијацијата, Џулија Коронадо.
За да се справи со инфлацијата, ФЕД агресивно ги зголемува каматните стапки во обид да ја залади американската економија, но не и да ја стави во рецесија, барајќи таканаречено „меко приземјување“.
На претстојниот состанок за монетарната политика на крајот на месецот, ФЕД се очекува повторно да ги зголеми стапките, иако со побавно темпо отколку во минатото, бидејќи податоците последните месеци покажуваат инфлаторно ладење.
Повеќето анкетирани компании со очекувања за намалување на материјалните трошоци оваа година. Соодветниот индекс падна на 47 поени, пет поени помалку од октомвриските податоци и далеку под нивото од 76 поени забележано во јули.