Мнозинството Израелци веруваат дека премиерот Бенјамин Нетанјаху треба јавно да прифати одговорноста за неуспесите што доведоа до нападот на палестинската милитантна група Хамас на 7 октомври, покажуваат резултатите од анкетата на весникот „Маарив“.
Околу 80 отсто од испитаниците изјавиле дека Нетанјаху треба да го следи примерот на шефовите на израелската армија и безбедносната агенција Шин Бет, како и министрите за одбрана и за финансии, кои веќе ја презедоа одговорноста.
Дури 69 проценти од гласачите на партијата на Нетанјаху, Ликуд изјавиле дека премиерот треба да преземе одговорност, додека само осум отсто од испитаниците оцениле дека не треба да преземе одговорност.
На прашањето кој да биде премиер, 49 отсто го избрале лидерот на Партијата за национално единство Бени Ганц, а само 28 отсто Нетанјаху.
Во однос на војната во Појасот Газа, 65 отсто од Израелците поддржуваат копнена офанзива, додека 21 отсто се против.
Покрај тоа, 51 отсто поддржуваат голема воена операција на северниот фронт по зголемените судири со силите на Хамас и Хезболах во Либан, додека 30 проценти изјавиле дека преферираат ограничена операција.
Истражувањето е спроведено на 18 и 19 октомври меѓу 510 возрасни Израелци.