Во недопрените делови на норвешкиот Арктик се собира пластичен отпад. Истражувачите се загрижени поради огромната концентрација на микропластични делови и тврдат дека пластичен отпад има во секој дел од Арктикот.
Поголемиот дел од отпадот е од фрлена опрема за риболов, а сопствениците на бродови наведуваат дека ќе поминат стотина години пред човештвото да се справи со последиците од непромислената употреба на морето како депонија.
Научниците за време на истражувањата ги набљудуваа зоопланктоните, мекотелите, рибите, морските птици и цицачите. Но, резултатите од истражувањето покажуваат дека само во еден литар истопен арктички мраз се наоѓаат до 234 честички пластика, што е многу повеќе од во океаните. Причината за тоа е што пластиката се наоѓа на површината на морето, каде првично се формира мразот.
Пластиката може да има исклучително негативно влијание врз морскиот живот кога ќе се истопи мразот и загадената вода стигне до морето. Еден од најзагрозените подрачја е Свалбард.
Истражувањата спроведени во тоа подрачје во 70-тите години од минатиот век покажаа дека многу малку пластика пронашле во стомаците на морските животни. Но, анализата од 2013 година покажа дека во повеќе од 200 различни животински видови имало пластика во нивниот дигестивен систем.
И другите видови животни, како ирвасите можат да настрадаат од пластиката. Тие најчесто се заплеткуваат во пластичниот отпад и угинуваат.