Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска му честиташе на Бенјамин Нетанјаху за неговото враќање на власт во Израел, соопшти Белата куќа.
Бајден го нарече Нетанјаху децениски пријател.
– САД ќе продолжат да го поддржуваат решението за две држави (на израелско-палестинскиот конфликт) и ќе се спротивстават на политиките што ја загрозуваат одржливоста или се спротивни на нашите заеднички интереси и вредности, рече Бајден во соопштението на Белата куќа.
Нетанјаху, лидерот на конзервативната партија Ликуд, денеска се врати на власт во Израел по една и пол година пауза во опозиција.
Ликуд на Нетанјаху, заедно со своите сојузници, партиите на ултраортодоксните Евреи и ултрадесничарите, победија на парламентарните избори на 1 ноември, а денеска тој ги претстави своите министри пред пратениците во израелскиот Парламент (Кнесет).