Луѓето инфицирани со коронавирусот нема законски да бидат обврзани да се самоизолираат во Англија од следната недела, објави денес владата на Британија.
Британската влада во јануари ги ублажи мерките, беа укинати ковид-пропусниците за баровите и рестораните и обврската за носење маски секаде освен во болниците. Поблагиот сој омикрон не предизвика пораст на бројот на хоспитализации и смртни случаи.
Премиерот Борис Џонсон кажа дека укинувањето на сите законски мерки на борбата против ширењето на коронавирусот ќе им овозможи на луѓето во Британија да се заштитат без ограничување на слободите.
Се очекува утре во парламентот да бидат изнесени деталите од планот „живот со ковид“ кој веројатно ќе го намали и бројот на тестирањата за коронавирусот.
„Дојдовме до фазата во која мислиме дека може да се помести рамнотежата од државните мерки, од забраната на одредени дејства, присилување одредени дејства во корист на поттикнување на личната одговорност“, кажа Џонсон.
Меѓутоа, дел од владините научни советници кажаа дека тоа е ризичен потег кој би можел да доведе до пораст на бројот на нови инфекции со вирусот и да ја ослаби одбраната на земјата од идните соеви.