четврток, 8. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Британските пратеници донесоа нацрт-закон за одлагање на брегзит, Џонсон бара избори на 15 октомври

Британските пратеници донесоа нацрт-закон за одлагање на брегзит, Џонсон бара избори на 15 октомври

Британските законодавци го поддржаа во трето и последно читање предлог-законот со кој премиерот Борис Џонсон се задолжува да побара од Европската унија одлагање на датумот за брегзит за три месеци – до 31 јануари 2020 година. Тоа може да го принуди премиерот да распише предвремени избори.

Пратениците го усвоија законот со 327 гласови „за“, додека 299 беа „против“.

Пред да влесе во сила, нацрт-законот треба да биде одобрен од Домот на лордовите и тоа може да се случи утревечер.

Според британски медиуми, можно е некои членови на Горниот дом на Парламентот кои се приврзаници на „тврд“ брегзит да го забават процесот на прифаќање на нацрт-законот. Веднаш по усвојувањето, Џонсон побара вонредни избори.

Џонсон им предложи на пратениците предвремени избори во земјата на 15 октомври и нагласи дека ако тој остане на функцијата, ќе го спроведе брегзит на 31 октомври.

– Ако продолжам да бидам премиер по вторник, 15 октомври, тогаш ќе излеземе на 31 октомври со, се надевам, многу подобар договор со ЕУ, рече Џонсон, обраќајќи им се на пратениците за време на дебата.

Џонсон додаде дека Велика Британија мора да одлучи дали опозицискиот лидер или тој ќе преговара со Брисел за брегзит.

Според него, предлог-законот за спречување на брегзит без договор, поддржан од пратениците вечерва, ја лишува земјата од правото да одлучи колку долго треба да остане во ЕУ.

Џонсон рече дека владата не може да функционира ако парламентот одбие да усвои она што тој го предлага.