Бројот на бездомници во САД може да се зголеми за 45 проценти како резултат на економските последици предизвикани од пандемијата на коронавирусот.
Истражувањата на научниците од Универзитетот Колумбија покажуваат дека пандемијата предизвикала загуба на работни места кај неколку милиони луѓе, што ќе доведе до зголемување на бројот на оние што ќе останат на улиците, пренесува агенцијата Анадолија.
Агенцијата наведува дека, според официјалните податоци од јануари 2019 година, во САД имало околу 568.000 бездомници, а поради заболувањето на Ковид-19 годинава може да се додадат уште 250.000 лица.
Професорот Дан О’Флаерти веќе неколку години работи на прашањата на бездомниците и кажа дека ефектите од Ковид-19 се веќе видливи на улиците на САД.
-Ние сега сме во еден невиден период. Никој жив денеска не беше сведок на времето кога невработеноста се зголеми на 10 проценти, рече О’Флаерти.
Во Њујорк и во Калифорнија, каде што живеат повеќето бездомници, може да има зголемување од 20 проценти, а зголемување може да се забележи и во областите каде во моментов живеат помалку бездомници.
Околу 150.000 лица во Калифорнија се бездомници, а кога станува збор за прегледот според градови, најмногу од нив живеат во Њујорк, околу 70.000.