Германскиот парламент (Бундестаг) укина дел од привилегиите кои Герхард Шредер ги уживаше како поранешен канцелар, јавија денеска германските медиуми.
И Европскиот парламент денеска повика на санкции против Шредер поради неговите деловни и политички врски со Русија.
Потегот на Европскиот парламент во голема мера е симболичен бидејќи моќта да воведува санкции ја има Европскиот совет.
Членовите на Одборот за буџет на германскиот Парламент го прекинаа финансирањето на канцеларијата, со персоналот, на која Герхард Шредер има право како поранешен канцелар.
Укинувањето на привилегиите доаѓа откако партиите во владејачката коалиција, вклучувајќи ја и Социјалдемократската партија на Германија (СПД), чиј претседател Шредер беше со години, поднесоа барање до Одборот.
Герхард Шредер сè уште има право на повластена „пензионерска плата“ и лична заштита.
Демохристијанскиот пратенички клуб сакаше да му ги одземе овие привилегии на поранешниот канцелар поради неговите сè уште блиски врски со режимот на Владимир Путин.
Таканаречната плата во пензија изнесува 35 отсто од сегашната плата на германскиот канцелар, што во овој случај изнесува 8.300 евра месечно. Покрај тоа, Шредер добива надомест за времето поминато во владата на Долна Саксонија и како пратеник во Бундестагот.
Шредер, кој беше канцелар од 1998 до 2005 година, во последните месеци беше на удар на пошироката германска јавност затоа што и покрај нападот на Русија врз Украина тој продолжи да ги штити постапките на Владимир Путин.
Шредер со години е на врвот на руската енергетска индустрија и како член на управниот одбор на Роснефт добивал годишна плата од шест милиони евра, јавуваат германските медиуми.