Полицијата бара девојка од Косово, за која постои сомнение дека била со киднаперот на тригодишното британско девојче Медeлин Мекејн, која во 2007 година исчезна во Португалија, јавува весникот „Дејли мејл“.
Весникот наведува дека се верува дека девојката била во куќата со киднаперот во градот Пра де Луз во Португалија, кога Медeлин Мекејн, која во тоа место била на одмор со своите родители, исчезна од хотелот.
Полицијата се надева дека ќе ја пронајде поранешната партнерка на киднаперот, за која се верува дека во тоа време била малолетна и дека потекнувала од Косово, пренесува „Дејли мејл“.
Тригодишната Медeлин исчезна на 3 мај 2007 година, додека нејзините родители биле во блискиот бар.
Германскиот обвинител од Брауншвајг, Ханс Кристијан Волтерс вчера соошти дека претпоставува дека девојчето е мртво.
Тој објасни дека 43-годишен германски државјанин се истражува под сомнение за убиство, јави Си-Ен-Ен. Осомничениот, кој во германските медиуми бил посочен како Кристијан Б, во моментов издржува казна затвор.
Се верува дека тој бил во областа каде што последен пат била видена Медeлин за време на нејзиниот летен одмор во Португалија. Меѓу 1995 и 2007 година тој живеел во Алварге, каде ограбувал хотели и продавал дрога, соопшти германската полиција.
Полицијата, исто така, соопшти дека тој повеќе пати бил осуден за сексуални злосторства врз девојчиња и дека сега е на издржување долгогодишна затворска казна.