Директорот на јапонската Национална полициска агенција, Итару Накамура денеска поднесе оставка откако истрагата ги потврди „недостатоците“ во безбедносните планови, што резултираше со атентат врз поранешниот премиер Шинѕо Абе.
– Имаше недостатоци во плановите за безбедност и процените на ризикот на кои тие се засноваа, а насоките од теренскиот командант беа недоволни. Коренот на овој проблем лежи во ограничувањата на сегашниот систем, кој постои со години, во кој локалната полиција сноси единствена одговорност за безбедност, истакна Итару.
Според експертите безбедноста во западниот јапонски град Нара била несоодветна.
– Телохранителите можеа да го спасат Абе, така што ќе го заштитат или ќе го повлечат за 2,5 секунди меѓу првиот истрел и вториот што беше фатален, изјавија безбедносни експерти кои ја прегледаа снимката.
Јапонските власти, вклучително и премиерот Фумио Кишида, ги признаа безбедносните пропусти околу појавувањето на Абе на предизборниот митинг.
Националната полициска агенција претходно објави дека формирале тим за да ги разгледа безбедносните и заштитните мерки и да развијат превентивни чекори.