Германската Дојче банк се согласи пред американски суд да плати казна во износ од над 100 милиони долари, со цел да избегне кривичен процес по обвинението дека била дел од меѓународна коруптивна мрежа за добивање бизниси во Саудиска Арабија.
Адвокати на Дојче банк, која одамна има деловни врски со американскиот претседател Доналд Трамп, го потврдија тоа во видео-конференција со федералниот американски суд во Њујорк.
Според судските документи, Дојче банк ги поткупувала посредниците со цел да добие бизниси во Саудиска Арабија, заведувајќи ги исплатите како „придружни такси“.
Портпаролот на банката Ден Хантер изјави дека договорот за прекин на кривичното гонење покажува дека компанијата преземала одговорност за своите потези и нејзината соработка со американските федерални власти „ја одразува транспарентноста и подготвеноста на банката тие прашања да ги остави далеку зад себе“.