Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Европа е во паника поради конфликтот во Украина, пренесе Тасс.
-Во време кога нашата земја веќе 11 години успешно се справува со илегалната миграција од Сирија, сведоци сме на паника во Европа поради руско-украинската криза. Се молиме за брз излез од овој критичен период, изјави Ердоган на конгресот на неговата АКП.
„Сè додека Ердоган е на чело на Република Турција, ние дефинитивно не можеме да им кажеме „да“ на земјите кои влегуваат во НАТО и го поддржуваат тероризмот“, им беше кажано на новинарите присутни на конгресот на владејачката партија.
Турција ги оспори официјалните барања на Шведска и Финска да се приклучат кон НАТО, тврдејќи дека двете земји кријат луѓе поврзани со милитантните групи како што е Курдската работничка партија (ПКК) и други што ги смета за терористички, но и заради тоа што го прекинаа извозот на оружје за Анкара во 2019 година.
-Тие не се ниту чесни, ниту искрени. Не можеме да ја повториме грешката од минатото кога станува збор за земји кои прифаќаат и хранат такви терористи во НАТО, а знаеме дека ова е безбедносна организација, рече турскиот претседател.