Поради продолжениот топлотен бран што доведе до рекордни температури, Франција во последните три месеци го достигна највисокото ниво на загадување со јаглерод предизвикано од шумски пожари од почетокот на мерењата во 2003 година, објави Службата за мониторинг на атмосферата Коперник (CAMS).
Ова доаѓа откако Шпанија минатиот месец забележа највисоки емисии на јаглерод во историјата на пожарите.
CAMS соопшти дека дневната вкупна емисиона моќ на пожари, што е мерка за интензитетот на пожарите, во јули и август во Франција, Шпанија и Португалија била „значително повисока“ од просекот, пренесува Хина.
Службата предупреди дека голем дел од западна Европа сега е во „екстремен ризик од пожар“, а некои области се во „многу екстремен ризик од пожар“.
– Го следиме зголемувањето на бројот и резултирачките емисии на шумски пожари бидејќи топлотните бранови ги влошија пожарите во југозападна Франција и на Пиринејскиот Полуостров, рече Марк Парингтон, постар научник од CAMS.
– Многу екстремните ризици од пожари предвидени за големи области на јужна Европа значат дека опсегот и интензитетот на сите пожари може значително да се зголемат, а тоа е она што го забележавме во нашите проценки за емисиите и влијанијата што ги има врз квалитетот на локалниот воздух, рече тој.
CAMS објави сателитски снимки на кои се гледа облак чад во југозападна Франција кој се протега на стотици километри над Атлантикот.
На глобално ниво, 2022 година во моментов е четврта највисока година во однос на нивото на јаглерод од шумските пожари, соопшти CAMS.
Научниците велат дека топлотните бранови како што е исклучително жешкото и сувото време во Западна Европа се многу поверојатни поради климатските промени предизвикани од човекот.