Европската унија ги отфрла повиците на британската Влада за испорака на вакцините „АстраЗенека“ против Ковид-19 произведени во фабрика во Холандија, изјави претставник на ЕУ.
-Британците инсистираат дека фабриката „Халикс“ во Холандија мора да ги снабди со таму произведената лековита супстанца. Тоа не функционира, изјави синоќа официјален ЕУ претставник за британските медиуми.
Фабриката „Халикс“ во Лајден е наведена како снабдувач на вакцини и во двата договори што „АстраЗенека“ ги потпиша и со Велика Британија и со Европската унија.
Поранешната членка на Европската унија, Велика Британија, досега вакцинираше многу повеќе луѓе отколку земјите на ЕУ, пропорционално на населението.
-Тоа што се произведува во Халикс мора да оди во ЕУ, додаде официјалното лице.
Велика Британија инсистира на тоа дека договорите мора да се почитуваат.
-Европската комисија знае дека остатокот од светот гледа како таа се однесува за ова прашање и доколку ги прекрши договорите и обврските, тоа е многу штетна слика за Унијата, која е горда на своите закони, изјави британскиот министер за одбрана, Бен Валас, претходно за „Скај Њуз“, одговарајќи на прашање во врска со заканата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дека го блокира извозот во Велика Британија.
Официјален претставник на ЕУ рече дека Унијата не прекршува ниту еден договор.
Европската унија во средата се закани дека ќе го блокира извозот на вакцини против Ковид-19 во Велика Британија за да го заштити скромното количество дози за нејзините граѓани, а Фон дер Лајен рече дека епидемиолошката состојба се влошува.