Претставниците на федералната и покраинските влади на Германија вчера се согласија да ги продолжат мерките за затворање до 28 март со многу опции за отворање во зависност од епидемиолошката состојба.
– Мораме да преземеме чекори, но тоа мора да бидат чекори што нема да не вратат назад, рече германската канцеларка Ангела Меркел доцна синоќа по состанокот со сојузните премиери.
Меркел истакна дека Германија „не безгрижно, туку со надеж“ влегува во нова фаза во борбата против пандемијата.
– 2021 година нема да биде како 2020, сега сме многу подалеку. Сега имаме вакцини и тестови. Вакцината е излез од пандемијата, рече Меркел.
Германската канцеларка објасни дека вакцинацијата и тестирањето се во прв план во борбата против ширењето на коронавирусот.
Таа, исто така, најави поголема флексибилност при вакцинирањето со списоците на чекање, со цел што помалку датуми за вакцинација да останат неискористени, како и вакцинации кај матични лекари.
Стратегијата на борбата против пандемијата не се заснова само на забрзана вакцинација, туку и на масовно тестирање.
– Од следната недела, секој германски граѓанин ќе има по еден бесплатен тест неделно, рече Меркел.
Германската канцеларка исто така најави чекори за постепено отворање што ќе зависи од седумдневната инциденца.
Од 8 март, во Германија се олеснуваат мерките за ограничување на приватните контакти. Така, во иднина ќе може луѓето од едно домаќинство да се сретнат со пет лица од друго домаќинство. Досега беше дозволена средба само со едно лице од друго домаќинство.
Во региони со седумдневна инциденца под 35 години, односно ако бројот на нови случаи на 100.000 жители во седум дена е помал од 35, ќе биде дозволена средба со луѓе од две дополнителни домаќинства со најмногу десет лица.
Продавниците можат да ги отворат своите врати за клиентите во случај на инциденца под 50. Во случај на инциденца над 50, дозволено е купување преку Интернет со можност за подигање на стоката во самата продавница.
Терасите на рестораните и кафулињата ќе можат да примаат гости во случај на инциденца под 50 за 14 дена.
Во зависност од инциденцата, исто така, ќе биде дозволено работење на зоолошки градини и ботанички градини, музеи, галерии и меморијални области.
Без оглед на инциденцата, од 8 март дозволено е работење на цвеќарници, градинарски продавници и книжарници. Од 8 март ќе можат да работат и педикирите, како и училиштата за возење и летање.
Во сите мерки за отворање кои зависат од инциденцата, воведена е т.н. „сопирачка за итни случаи“ што овозможува враќање на мерките за затворање во случај на инциденца поголема од 100.
Правилото за работа од дома каде што е можно е продолжено до крајот на април.
Премиерот на Баварија, Маркус Содер, рече дека тоа се „комплицирани мерки, но мерки што не оставаат простор за толкување“.
За понатамошните мерки, претставниците на федералните и покраинските влади повторно ќе дискутираат на 22 март.