понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Голема победа на партијата на Нетанјаху во Израел

Голема победа на партијата на Нетанјаху во Израел

Десничарската партија „Ликуд“ на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и натаму ќе биде најсилната политичка сила во земјата по последните, вчерашни, четврти по ред парламентарни избори во последните две години, покажаа излезните анкети, на кои се повикува ДПА.

Владејачката партија најверојатно ќе освои околу 31-33 мандати во израелскиот 120-член Кнесет, предвидуваат излезните анкети објавени на трите главни телевизиски канали во земјата.

Партијата Јеш Атид на опозицискиот лидер Јаир Лапид е втора со 16-18 мандати, предвидува излезната анкета.

Блокот на партии што е против Нетанјаху може да собере 59 мандати во израелскиот парламент, додека блокот што сака да го задржи долгогодишниот премиер брои 53-54 мандати, според излезните анкети.

Овој нов распоред на силите може да значи дека Нетанјаху ќе има јасно мнозинство само доколку доселеничката партија „Јамина“, на неговиот поранешен сојузник Нафтали Бенет, креаторот на два блока со седум-осум мандати, се согласи да се приклучи на неговата владина коалиција.

-Ќе направам само тоа што е добро за државата Израел, рече Бенет по првите предвидувања

Тој додаде дека на Нетанјаху му порачал дека Јамина ќе ги чека конечните резултати пред да донесе одлука за неговите следни чекори

Нетанјаху ноќеска веќе ја прогласи големата победа на својот блок на изборите и им се заблагодари на Израелците за новата поддршка.

„Израелски граѓани – благодарам“, напиша Нетанјаху на Твитер. „Дадовте огромна победа на десницата и Ликуд под мое водство. Јасно е дека повеќето Израелци се десничари и сакаат силна, стабилна десничарска влада“, додаде тој.

Израелската Централна изборна комисија не очекува до денеска на пладен да се пребројат сите гласови,пред се, поради ограничувањата заради коронавирусот.

На вчерашните избори гласаа малку над 67,2 отсто од граѓаните со право на глас.

Нетанјаху, 71-годишниот актуелен премиер, е на власт во Израел од 2009 година.

Неговата кампања се фокусира на најуспешната израелска програма за вакцинација против коронавирус во Израел и неговиот дипломатски успех во нормализирање на врските со некои арапски земји.