вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Горниот дом на австрискиот Парламент го поддржа законот за задолжителна вакцинација

Горниот дом на австрискиот Парламент го поддржа законот за задолжителна вакцинација
МИА

Горниот дом на австрискиот парламент во четвртокот усвои закон со кој вакцините против коронавирус ќе бидат задолжителни за возрасни, што е прв таков потег во Европската унија.
Околу 69 отсто од австриското население е целосно вакцинирано против коронавирус, што е една од најниските стапки во Западна Европа.

Со овој потег, новата влада остана на одлуката што ја објави поранешната канцеларка во ноември, и покрај сомневањата дека таа никогаш нема да биде целосно спроведена. Заложбата, која треба да се спроведува етапно, најверојатно ќе стапи на сила во рок од неколку дена, но полицијата ќе почне да проверува дури на 15 март за да види дали луѓето кои застануваат во редовните патроли се вакцинирани.

Подоцна, во третата фаза, ќе почнат потемелни проверки кога ќе профункционира регистарот за вакцинација. „Се надевам дека третата фаза воопшто не ни е потребна. Ако експертите проценат дека не е неопходно, ако уставните адвокати кажат дека не е пропорционално, третата фаза нема да се случи“, изјави министерот за здравство Волфганг Мукенштајн за радиото ОРФ неколку часа пред усвојувањето на законот со 47 гласа „за“ и 12 „против“.

Истовремено, Владата ги олеснува епидемиолошките мерки за невакцинираните бидејќи зафатеноста на болничките кревети за интензивна нега е на „добро ниво“.

Пред да стапи на сила, законот за задолжителна вакцинација допрва треба да биде потпишан од претседателот Александар Ван дер Белен и канцеларот Карл Нехамер, формалност што ќе трае само неколку дена. Владата веќе подолго време зборуваше дека обврската за вакцинација ќе почне од почетокот на февруари.