Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска ја оквалификува дискриминација на жените како најголемиот проблем на нашето време.
– Меѓународната заедница мора да ги надмине сериозните пречки во борбата против дискриминацијата и експлоатацијата на жените, истакна Гутереш во пораката по повод Меѓународниот ден на жената, 8 март.
Тој рече дека постигнувањето родова еднаквост, како и проширување на правата и можностите на жените „е недовршена задача на нашето време и најголемиот проблем во областа на човековите права во денешниот свет“.
Гутереш особено внимание посвети на обемноста на сексуалните напади против жените на работните и јавните места, во домовите, дури и во земји кои се гордеат со своите достигнувања во областа на родовата еднаквост.
За Меѓународна година на жената прогласена е 1975. Тогаш Обединетите нации почнаа и официјално да го одбележуваат Меѓународниот ден на жената.
Меѓународниот ден на жените, популарно наречен Осми март е празник на економските, политичките и општествените достигнувања на жените.
Идејата да се одбележува овој празник се појавила во почетокот на 20 век во време на индустријализацијата и економската експанзија која често доведувала до протести поради лошите работни услови. Во 30-тите години некои држави престанале да го одбележуваат овој празник, но во 1975 година Обединетите нации почнале официјално да го одбележуваат.
Денот на жените се одбележува во сеќавање на пожарот во текстилната фабрика Триангл Шртвеист, кој се случил во Њујорк во 1911 година. Тој ден загинале над 140 жени.
Првите јавни демонстрации на жените вработени во индустрија за облека и текстил се случиле на 08.03.1857 година во Њујорк. Текстилните работнички протестирале поради лошите услови за работа и ниските плати. Демонстрациите ги растерала полицијата, а два месеци подоцна тие исти жени основале синдикат.
Протести на 08.03 се случувале и следните години, од кои најпознати биле во 1908 година, кога 15.000 жени марширале низ Њујорк барајќи работно време, подобри плати и право на глас.
Првата меѓународна женска конференција е одржана во Копенхаген во 1910 година во организација на Социјалистичката Интернационала. Празникот е утврден на предлог на славната германска политичарка и борец за човекови права Клара Цеткин.
Веќе идната година празникот го одбележале милиони луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. Првиот ден на жената се славел на 28.02.1909 година во САД по повод декларацијата која ја донела Социјалистичката партија на Америка.
Демонстрациите по повод Меѓународниот ден на жената во Русија биле прво скалило на руската револуција. По Октомвриската револуција, болшевичката феминистка Александра Колонтаи го убедила Ленин 08.03 да стане државен празник. Во текот на советскиот период тој се користел за одбележување на херојството на работничките.
Државите на Запад Денот на жените главно престанале да го одбележуваат во 1930-тите години, во дел и поради тоа што го поврзувале со комунизмот. Меѓутоа, феминистките повторно почнале да го слават во 60-тите години.
МИА