Цели 12 години после објавувањето за првиот излечен пациент од ХИВ преку трансплатација на коскена срж од луѓе со природен имунитет на ХИВ, јавноста дозна и за втор ваков случај во светот.
Но само два дена подоцна, уште еден тим научници тврди дека го исчистиле вирусот од телото на трет пациент – а има шанса набргу да следат четвртиот и петтиот победник во битката со страшната болест.
Според репортажата на Њу Сајентист, тим научници од Холандија го обзнаниле постоењето на „Пациентот од Дизелдорф“ на конференција во Сиетл во вторникот.
„Пациентот бил подложен на ист вид на трансплатација на коскена срж како и претходните двајца пациенти. Сега, три месеци после прекинот на примање на антивирусни лекови, биопсиите од пациентот не покажуваат присуство на ХИВ“, соопшти Анемари Венсинг од Универзитетскиот медицински центар во Утрехт.
Прерано е да се заклучи дека и третиот пациент е излечен од ХИВ – или дали некој воопшто е излечен, бидејќи дури и 12 години после првиот „победник“ во битката со ХИВ, невозможно е да се дознае дали вирусот не е присутен во организмот во некоја неизмерлива количина.
Како и да е, други двајца ХИВ-пациенти уште земаат антивирусни лекови после поминувањето на истата процедура за трансплатација на коскена срж како и луѓето кои се прогласени за излечени, вели Хавиер Мартинез-Пикадо од Ирси Каича истражувачкиот центар за Сида од Барселона.
Ако и овие пациенти покажат исти резултати како и претходните тројца после прекинот на антивирусната терапија, ќе може со поголема сигурност да се тврди дека медицината навистина пронајде лек за ХИВ.