четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Интернет омразата против бебето Асел ја надмина „црвената линија“

Интернет омразата против бебето Асел ја надмина „црвената линија“

На 1 јануари 2018 година во 00.47 минути во Виена се роди бебето Асел. Сликата на првото виенско бебе во оваа година беше објавена на социјалните мрежи, а на неа се гледа дека мајката носи шамија на главата.

На Фејсбук страната за “добредојде на првото виенско бебе” под хаштагот #flowerrain (дожд од цвеќиња) пристигнаа над 20.000 пораки за поддршка до родителите но истовремено на страната се појавија стотици расистички пораки.

Но, Фејсбук одлучи да ја деактивира страната и таа исчезна од интернет.

И виенските медиуми кои и посакаа добредојде на Асел привлекоа расистички коментари и говор на омраза.

Клаус Швертнер, шефот на невладината католичка организација Каритас, која работи со мигранти во Австрија, се огласи исто така.

“Омразата на интернет достигнува сосема нова димензија со тоа што нејзина цел е невино новороденче”, напиша тој и подвлече дека со ова е надмината “црвената линија”.

Според Швертнер, страната најверојатно била предмет на кампања која довела од нејзина дезактивација од страна на Фејсбук. Тој ја повика оваа социјална мрежа повторно да ја активира страната.

“Драги Марк Цукерберг, што се случува? Не можам да верувам: мојата порака #flowerrain (дожд од цвеќиња) за новогодишното бебето Асел и нејзините родители исчезна во текот на ноќта! Не го дозволувајте тоа! Сакаме да покажеме дека љубовта е посилна од омразата, во животот како и на Фејсбук”, напиша тој.

Прашањето на миграцијата и исламот се теми околу кои се кршат многу политички копја во оваа земја.

Неколку дена пред новогодишните празници беше именуван новиот демохристијански премиер на Австрија Себастиан Курц. Тој во неговата влада им даде неколку министерски места на членовите на екстремно десната партија ФПО и во согласност со неговите коалициски партнер тој вети “тврд” став за мигрантите. Како министер за внатрешни работи беше поставен Херберт Кикл од ФПО.

Во петокот Курц потврди дека драстично ќе биде намален детскиот додаток за мигрантите. Истовремено лидерот на ФПО и потпретседател на владата Хајнц-Кристијан Страхе побара барателите на азил да бидат ставени во касарни а хуманитарните организации да не смеат повеќе да се занимаваат со ова прашање.

Во непријателските пораки упатени до родителите на Асел имаше и такви што ветуваа дека новиот министер ќе ги исфрли од земјата.