Податоците од нов извештај укажуваат дека дополнителни 2,5 милиони луѓе во Англија ќе живеат со сериозни болести како што се рак, дијабетес, деменција и депресија до 2040 година. Истражувањето на Фондацијата за здравство покажа дека 9,1 милиони луѓе во Англија ќе имаат сериозна болест – што е зголемување за 37 отсто од 2019 година.
„Проценките се дека речиси секое петто лице од населението дотогаш ќе живее со сериозна болест, што е зголемување за повеќе од една третина“, се вели во извештајот. „За споредба, работоспособното население се очекува да се зголеми за само 4 отсто – оваа група на население ќе биде одговорна за генерирање на поголемиот дел од владините приходи што се користат за финансирање на јавните услуги, вклучително и Националната здравствена служба“.
До 2040 година се очекува деменцијата да се зголеми за 45 отсто, срцевата слабост за 92 отсто, ракот за 31 отсто, дијабетесот за 49 отсто, хроничната болка за 32 отсто, а анксиозноста или депресијата за 16 отсто.
Според истражувачите, луѓето на 70-годишна возраст во просек ќе имаат три хронични болести, а до 85-тата година ќе имаат повеќе од пет. Четири петтини од скокот на бројот на тешки болести ќе се должи на стареењето на населението, бидејќи колку подолго живее човекот, толку е поголема шансата да заболи од сериозна болест.