петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Истражување: Над една третина од украинските бегалци планираат да останат во Германија

Истражување: Над една третина од украинските бегалци планираат да останат во Германија

Повеќе од една третина од бегалците од Украина сакаат трајно да останат во Германија, а повеќето се чувствуваат добредојдени, покажува истражувањето објавено денеска во Германија.

„Меѓу анкетираните украински бегалци, 26 отсто изјавиле дека сакаат засекогаш да останат во Германија, а 11 отсто планираат да останат најмалку неколку години“, се наведува во студијата „Бегалци од Украина во Германија – бегалци, доаѓање и живот“, која заеднички ја објавија Федералната миграциска канцеларија и Институтот за германски економски истражувања.

Според истражувањето, околу една третина сакаат да се вратат во Украина по завршувањето на војната, додека 27 отсто од анкетираните бегалци се уште се неопределени.

Во меѓувреме, дури 17 отсто од украинските бегалци нашле постојано вработување, за кое кај 71 отсто од случаите е потребно високо образование.

„Во споредба со искуството на претходните групи бегалци, ова е многу висок процент“, рече Херберт Брукер од Федералната канцеларија за миграција при претставувањето на студијата во Берлин.

Експертите сметаат дека бројот на вработени меѓу бегалците ќе се зголеми по надминување на јазичната бариера. Повеќе од половина од бегалците посетуваат курс по германски јазик.

Во моментов има нешто повеќе од еден милион бегалци кои пристигнаа во Германија во текот на годината поради рускиот напад на Украина. Осумдесет проценти од возрасните бегалци се жени.

Огромното мнозинство од испитаниците се чувствуваат добредојдени во Германија, додека само седум отсто рекле дека не се чувствуваат добредојдени.