Министерот за финансии на Израел, лидер на екстремно десничарската партија Верски ционизам, Безалел Смотрич, ги повика премиерот Бенјамин Нетанјаху и пратеникот од опозицијата Бени Ганц, поранешен началник на Генералштабот и министер за одбрана, веднаш да формираат влада на национално единство за справување со војната против Хамас.
На повикот му претходеше синоќешното телевизиско обраќање на Ганц, во кое тој изјави дека во саботата му рекол на премиерот дека ќе се приклучи на владата „со намера да формира воен кабинет кој ќе управува со борбениот фронт против Газа и другите фронтови“.
„Единството и поврзаноста се императив на овој час за да ги победиме нашите непријатели“, најави Смотрич и додаде дека преговарачките тимови и преговорите не се важни.
Лидерот на опозициската партија „Израел наш дом“ Авигдор Либерман исто така во неделата изјави дека ќе ѝ се придружи на актуелната влада, но ја условува својата поддршка, пренесоа израелските медиуми. Тој бара Нетанјаху, министерот за одбрана Јоав Галант и началникот на армијата Херзи Халеви јавно да објават дека владата има намера „да ја елиминира терористичката организација Хамас и сите терористички лидери“.
Министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир, вториот ултрадесничарски партнер на Нетанјаху, ги повтори условите на Либерман и утринава најави дека ќе се согласи со влада на национално единство доколку нејзината цел е „целосен пораз на Хамас и разбивање на неговата воена и политичка моќ“.
Повиците за формирање итна влада дојдоа кога Израел објави војна по ненадејниот напад врз јужниот и централниот дел на земјата во саботата наутро од страна на исламскиот екстремистички Хамас, кој владее со Газа.