Научниот одбор што ја советува канадската Влада за вакцините вчера даде одобрение да може да се промени вакцината против Ковид-19 кога се прима втората доза.
Поединци кои ја примиле првата доза на вакцината „АстраЗенека“ може да добијат или втора доза од истиот производител или од „Фајзер“/„БиоНТек“ или „Модерна“, соопшти Националниот советодавен комитет за имунизација (CCNI).
-Способноста за промена на вакцините значи дека можете да ја примите првата доза на вакцината и да добиете различна вакцина со целосна безбедност во втората доза за вакцинирање и да обезбедите оптимална заштита од Ковид-19, изјави Хауард Њо, канадскиот заменик главен епидемиолог.
CCNI додава дека при давањето на препораката се имал предвид ризикот од опасни згрутчувања на крвта од вакцината „АстраЗенека“.
Одборот, исто така, посочува дека таквото мешање може да создаде „можност за краткорочно зголемување на несаканите ефекти (…), особено главоболки, чувство на замор и општа слабост“. Комбинацијата на вакцини од различни производители не е непозната: се користи за грип и хепатитис А, додава комитетот.
Одлуката за спроведување на оваа препорака е одговорност на канадските провинции. Некои провинции во мај одлучија да ја прекинат вакцината со „АстраЗенека“ како мерка на претпазливост кај луѓето кои ја примаат првата доза, поради зголемувањето на случаите на тромбоза поврзани со вакцините.
Меѓутоа, таа се уште се користи кај оние кои ја примиле првата доза на „АстраЗенека“ и сакаат втора доза од истата вакцина.