Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун повика на развој на понапредно нуклеарно оружје и рече дека САД се „наш најголем непријател“, јавија денеска државните медиуми во таа држава, што претставува силен предизвик за новоизбраниот американски претседател Џо Бајден само неколку дена пред да ја преземе функцијата.
– Непријателската политика на Вашингтон нема да се менува без оглед кој ја заземе Белата куќа, но откажувањето од таа политика ќе биде клучно за севернокорејско-американските односи, рече Ким, според државната новинска агенција КЦНА.
– Нашите надворешно-политички активности треба да се фокусираат на потчинување на САД, нашиот најголем непријател и главната пречка за нашиот иновативен развој, рече Ким за време на репликите на партиски конгрес во Пјонгјанг.
Северна Кореја не би го „злоупотребила“ своето нуклеарно оружје, рече Ким, но земјата го проширува својот нуклеарен арсенал, вклучително и „превентивни“ и „возвратни“ ударни способности и боеви глави од различна големина.
Ким повика на развој на опрема што вклучува хиперсонично оружје, интерконтинентални балистички ракети, шпионски сателити и беспилотни летала.