Кина денеска уште еднаш предупреди дека нејзината војска „нема да седи со скрстени раце“ доколку претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, го посети Тајван, пренесоа британските медиуми по редовниот брифинг на портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Џао Лиџијанг.
Пелоси денеска од Сингапур ја почна азиската турнеја, во која треба да посети уште три земји.
Последните денови дојде до зголемување на тензиите, откако пристигнаа најавите дека Пелоси може да го посети Тајван, што Кина го протолкува како провокација кон неа и веднаш жестоко предупреди на евентуалните последици.
Пред два дена Кина изведе воени вежби на дел од својата територијата наспроти Тајван.
Пекинг постојано наведува дека Тајван го смета за своја територија, која привремено е отцепена.