Кина нареди затворање на американскиот Конзулат во југозападниот град Ченгду.
Потегот на Кина е одговор на одлуката на Вашингтон пред три дена да го затвори кинескиот Конзулат во Хјустон. Гардијан коментира дека тој потег ги ескалира тензиите меѓу двете светски сили на ново ниво.
Одлуката на Пекинг е „легитимен и неопходен одговор на неразумните мерки на САД“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи. Не е прецизирано кога треба да се затвори дипломатската мисија во провинција Сечуан.
Покрај амбасадата во Пекинг, САД имаат конзулати во Гуангжу, Шангај, Шенјанг, Ченгду и Вухан, како и во Хонг Конг и Макао. Дипломатската мисија во Ченгду е отворена во 1985 година за целиот регион на југозападна Кина, како и за Тибет. Во него работат 200 луѓе.